Тешка сообраќајна несреќа се случи на автопатот во близина на Пожаревац, предизвикувајќи километарски застои и колапс на сообраќајот во двата правци.
Според снимките од местото на настанот, камионот по несреќата останал заглавен на средината од коловозот. Неофицијалните информации велат дека возилото се движело од правец на Ниш, но во еден момент ја пробило заштитната ограда и завршило во лентата наменета за спротивната насока.
Поради позицијата на камионот, сообраќајот се одвива бавно, а на тој дел веќе се создадени големи сообраќајни метежи. За среќа, во овој инцидент во моментов нема официјални информации за повредени лица.
Оваа несреќа веднаш ја алармираше јавноста во регионот и потсети на идентичното црно сценарио кое пред извесен период ја потресе Македонија.
Во страшната сообраќајка на обиколница во Скопје, камион на ист начин ја проби заштитната ограда, премина на спротивната страна и удри во автомобил кој од ударот се запалил при што загинаа четири лица.


