Камерон ги прекори бунтовните евроскептични министри во Владата

Британскиот премиер Дејвид Камерон ги прекори денеска своите бунтовни и евроскептични министри за изјавите дека на евентуалниот референдум ќе гласаат за излез на Велика Британија од ЕУ.

Лондонските медиуми јавуваат дека за време на летот на Камерон за Вашингтон, каде престојува во работна посета на САД, премирот ги осудил ваквите изјави на министерот за образование и за одбрана, Мајкл Гоув и Филип Хамонд, кои јавно се пофалија оти доколку сега би имало референдумско изјаснување тие би се определиле за излез од Унијата.

Според некои весници во Лондон, дури осумина министри од редовите на Конзервативната партија размислуваат како Гоув и Хамонд, но не сакаат тоа јавно да го кажат.

Камерон пред новинарите, кои го следат неговиот престој во Вашингтон, изјавил дека со своите постапки двајцата министри „фрлаат пешкир во рингот“ уште пред да почнат преговорите на Велика Британија и ЕУ за новите британско-европски односи.

Британскиот премиер ги отфрла повиците на десното партиски крило и на тврдите евроскептици за „делување сега“ кон ЕУ и инсистира дека дури по преговорите и враќањето на овластувањата што Лондон веќе му ги има префрлено на Брисел, ќе може да се зборува за референдумот за истапување.

Евентуалниот референдум би се оддржал во 2017 година, но само ако конзервативците победат на парламентарните избори во мај 2015 година. Коалицискиот партнер во Владата, британските либералдемократи и опозициските лабуристи се противат на организирањето референдум за излез од ЕУ, 40 години по британскиот прием во Унијата.

Камерон го осуди и однесувањето на поранешните министри, во времето на Маргарет Тачер и Џон Мејџор, кои заговараат брзо разрешување на „европското прашање“ и ја палат атмосферата во партијата.

Екс-министерот за надворешни работи Малколм Рифкин ги осуди изјавите на Гоув и Хамонд, забележувајќи дека со ваквото однесување „само им се помага на опозициските лабуристи“ за да ја засилат својата моментна предност во однос на ториевците.

Градоначалникот на Лондон, ториевецот Борис Џонсон изјави за „Дејли телеграф“ дека „излегувањето од ЕУ не ги решава британските проблеми“.

најчитано сега