Камерата му била огромна љубов: Детали за Зоран Мајсторски, кој е еден од загинатите алпинисти кај „Бучим“

Во 11:43 часот, денеска две лица загинаа во рудникот „Бучим“ кај Радовиш, членови на Алипинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш кои биле ангажирани за чистење на високо недостапни силоси.

Во официјалната изјава на рудникот „Бучим” стои дека во работната единица флотација се случил несреќен случај, при што две лица се починати.

„ Починатите лица се подизведувачи од Алпинистички клуб „Плоча“-Радовиш, ангажирани за извршување работни задачи-чистење на високо недостапни силоси. На местото на несреќата медицинскиот персонал на „Бучим“ веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и настраданите лица се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт“, информираат од рудникот.

Еден од загинатитте алпинисти е Зоран Мајсторски, поранешен снимател во Телевизија Кобра.

Од него има направено безброј професионални видеа и фотографии во архивата на телевизја Кобра. 

Како што пренесува Медиапрес.мк Мајсторски вчера ги направила последните фотографи со својот телефон во студиото на РТВ Кобра, Радовиш, токму од позади камерата, со која секогаш со голема љубов работеше.

Планинарел уште од 12 години, а со алпинизам се занимавал од 1993 година. Се искачил на највисоките европски врвови.

 „Сега комплетно му се посветив на јажето. И како алпинист и како професија, но од камерата и од фотоапаратот никогаш нема да се  откажам. Убавините кои ги гледам кога се искачувам на највисоките врвови, морам да ги забележам“, велел Зоран.

Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со фамилиите на двајцата, велат од алпинистичката федерација (МАФ).

„Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања“, велат од федерацијата.

13.10.2021 - 21:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега