Претседателот на републичкиот Судски совет, Александар Камбовски, изрази уверување дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова избрала вистински професионалци за членови на Судскиот совет, кои ќе придонесат за неговото работење.

Одговарајќи на новинарско прашање за предложените кандидати кои треба да влезат во собраниска процедура, Камбовски посочи дека имињата ги дознале од медиумите, но дека нема сомнеж во изборот на претседателката.

Кандидатите на претседателката ги дознавме како и сите – од медиумите. Претседателката е, пред сè, правник, професор и не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека избрала вистински професионалци, кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет. Секако, доколку ја добијат довербата од Собранието, изјави Камбовски.

Тој се осврна и на новиот Закон за Судскиот совет, изразувајќи надеж дека законските измени ќе донесат поефикасно и поквалитетно функционирање на институцијата.

Секако дека се надеваме оти ќе придонесе за поефикасно работење. Јас учествував во работната група и колегите сега веќе го имаат законот, мислам – финалната верзија што беше усвоена. Го анализираме повторно, гледаме кои нешта ќе бидат променети и оптимист сум дека ќе имаме квалитетна промена во работењето на Судскиот совет, рече Камбовски.

Во Собранието веќе се доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија, по предлог на претседателката Сиљановска-Давкова.

Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитет и поранешен член на Комисијата за помилување. Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во областа на кривичното право.

Exit mobile version