Европската унија има „многу јасен план“ заснован на две цели – ослабнување на Русија и континуирана поддршка за Украина, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност Кaja Калас по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Таа порача дека притисокот мора да биде насочен „кон агресорот, а не кон жртвата“, алудирајќи на информациите дека САД наводно разговараат со Москва за план кој би барал Украина да се откаже од дел од својата територија и да ги намали вооружените сили.

Според Калас, министрите биле смирени во однос на написите, потсетувајќи дека „во изминатите години се појавија повеќе мировни предлози кои не можат да функционираат доколку со нив не се согласат и Европјаните и Украинците“.

Таа нагласи дека санкциите веќе имаат силен ефект врз руската економија: извозот на сурова нафта и приходите од нафтени даноци се на најниско ниво од почетокот на војната. „Санкциите силно ја погодуваат Русија, а ќе следуваат и нови“, рече Калас, наведувајќи дека приоритет е таргетирањето на т.н. „флота во сенка“.

Министрите од повеќе земји одбија идеи за разоружување на Украина или нови територијални отстапки. Францускиот министер Жан-Ноел Баро истакна дека „мир не смее да биде капитулација“, додека полскиот министер Радослав Сикорски порача дека не смеат да му се наметнуваат ограничувања на оној што е жртва на агресија.

Во однос на финансирањето, повеќето министри ја поддржаа идејата за репарациски заем базиран на замрзнатите руски средства, но без финална согласност.

Шведската министерка Марија Стенергард додаде дека „нашите увози од Русија ја надминуваат нашата помош за Украина за 124 милијарди евра. Тоа е срамота“.

Се разговарало и за саботажите во Полска, за кои Калас рече дека се дел од „државно спонзориран руски тероризам“.

Калас заклучи: „Ослабнувањето на Русија и поддршката на Украина не се одделни цели, тие се делови од една иста стратегија.“

Exit mobile version