Во земјава е потврден првиот смртен исход од западнонилска треска во 2026 година. Починал 83-годишен скопјанец, кој бил хоспитализиран и лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека здравствената состојба кај пациентот почнала да се влошува на 2 август, кога се појавиле висока температура, треска, главоболка, изразена слабост, болки во мускулите и зглобовите, вкочанетост во вратот и нарушување на свеста.
Кај пациентот била утврдена и клиничка слика на менингитис, а биле констатирани и други придружни здравствени состојби.
Здравствените власти прогласија епидемија од западнонилска треска во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, како и во приградската општина Илинден.
Според официјалните податоци, од почетокот на годината се потврдени 24 случаи на заболени од западнонилска треска, додека кај двајца пациенти постои сомнеж за присуство на вирусот. Најголемиот дел од регистрираните случаи се лица во пензинерска возраст.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 20 пациенти.


