Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, упати сериозно предупредување против создавањето на единствена европска армија, нарекувајќи ја таквата идеја „екстремно опасна“. Според неа, за земјите кои веќе се дел од НАТО, формирањето на паралелна воена структура би било непрактично и би предизвикало хаос во клучните моменти.

Калас истакна дека најголемата вредност во време на криза е јасниот „синџир на команда“. Таа појасни дека постоењето на две одделни команди (една на ЕУ и една на НАТО) би значело дека во одлучувачките моменти „топката би паднала меѓу два стола“. Во моментов, надзорот на сите сојузнички воени операции во Европа го врши Врховниот сојузнички командант (SACEUR), американскиот генерал Алексус Гринкевич.

Прашањето за воена независност на Европа повторно се актуелизираше по дипломатските тензии со Вашингтон околу Гренланд. Сепак, пораката на Калас е јасна: наместо нова армија, Европа треба да ги зајакне своите одбранбени капацитети како комплементарен дел од НАТО, а не како негова замена. „Да не го фрламе НАТО низ прозорец“, порача таа, нагласувајќи дека европската безбедност е неодделива од трансатлантското партнерство.

Exit mobile version