Јован Павле Втори ќе биде прогласен за светец

Ватиканската конгрегација задолжена за преиспитување на кандидатите за светци, призна второ чудо на Јован Павле Втори и полскиот папа најверојатно ќе биде канонизиран на церемонија која би можела да биде одржана во декември.

Ватиканските теолози во јуни припишаа второ чудо на Јован Павле Втори, кое, како што тврдат ватикански извори, би можело да го „воодушеви светот“.

За да некој биде прогласен за светец, мора да има две „потврдени“ чуда, од кои првото е неопходно за беатификација, а таа пречка полскиот папа ја „совлада“ само шест месеци по смртта во 2005 година.

Тоа беше исцелување на француската калуѓерка Мари Симон-Пјер, чие заздравување од Паркинсонова болест откако се молела за „интервенција“ на покојниот Јован Павле Втори, нема медицинско објаснување.

Второто чудо, наводно се случило на самиот ден на неговата беатификација на раскошната церемонија одржана на 1 мај 2011 на плоштадот Свети Петар - тоа било исцелување на една жена од Костарика. 

најчитано сега