Јавна трибина: Институциите координирано да работат на намалување на бројот на жртви од семејно насилство

Насилството е секаде околу нас, но кога зборуваме за семејното насилство тогаш тој круг треба да се прекине и сите институции мора координарано да работат на намалување на бројот на жртвите и нивно повторно социјализирање и враќање во нормален живот.

Ова беше истакнато на јавната трибина која се одржа вечерва во Струмица во рамки на кампањата „16 денови активизам за борба против семејно и родово базирано насилство“, на која говореа претставници на институции и локалната самоуправа, но и жртва на семејно насилство која поминала извесен период во Шелтер центарот во Струмица.

Според изнесените податоци, во последниот период, Струмица била во врвот на пријавите за семејно насилство лани кога биле забележани 54 пријави.

Според градоначалникот Костадин Костадинов, оваа бројка охрабрува бидејќи е постигната целта – жените да го пријавуваат насилството.

– Нашата цел треба да биде охрабрени жени кои се подготвени да се соочат со проблемот, да му погледнат во очи, а ние како институции да излеземе во пресрет во делот со згрижување и секако за мене највредниот проект, кој ќе го почнеме наредната година, а тоа е „Куќа на половина пат“ со кој се заокружува процесот на згрижување на жените-жртви на семејно насилство, рече струмичкиот градоначалник.

Викарниот епископ Стобиски Јаков смета дека кругот на насилството треба да се затвори и насилството дефинитивно не треба да се трпи.

– Често ја товарат Црквата за негување на шовинистички ставови дека улогата на жената подразбира трпење и покорување на мажот. Тоа се луѓе кои не ја разбираат верата, не го разбираат Евангелието. Црквата зборува дека тежеста на крстот, на животот мора да се носи, мора да се истрпи животот, но не да се трпи насилството. Можеби не толку заради самите жртви на семејното насилство, туку за насилниците кои во еден суптилен начин се повторно жртви. Тие се подли луѓе и ако некого охрабрувате да трпи насилство, тогаш давате можност да прогресира болеста кај насилникот и кулминацијата таа болест ја достигнува со тоа што насилниците посегнуваат по нечиј живот, истакна владиката Јаков.

Од Здружението „Скај плус“, кое раководи со Шелтер центарот во Струмица, потенцираа дека е загрижувачки што нивните услуги ги бараат и жени надвор од струмичкиот регион.

– Од 1 јануари 2020 година до денеска во Струмичкиот шелтер центар живееле вкупно 50 жени, а во моментот таму се две жени со едно бебенце од четири месеци. Тие не направиле само транзит да влезат и излезат, туку имавме случај на една жена која со нејзините две момчиња-тинејџери живееше една година во Центарот, информираше Стојне Митева од Здружението „Скај плус“.

На трибината говореа и претставници на министeрствата за правда и внатрешни работи, кои истакнаа дека во рамки на нивните надлежности им се обезбедува потребната заштита преку пружање бесплатна правна помош, односно постапување по секоја пријава за семејно насилство.

Јавната трибина се одржа во организација на Општината и Здружението „Скај плус“ од Струмица.

28.11.2022 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега