Јавен повик за субвенции за чистење оџаци

Како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот, во тек е јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, соопштија од Град Скопје.

Оваа година Град Скопје има предвидено два милиони денари за оваа мерка, или вкупно средства за доделување на околу 1.660 субвенции.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1 јануари, a јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за годинава.

– Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари, се појаснува во соопштението.

Целта на овој проект што континуирано го реализира Град Скопје е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

– Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Познато е, се подвлекува, дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.

Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 и 2019 година, кога беа доделени вкупно 634 субвенции. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.09.2020 - 12:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега