Јапонска грант помош за економски и социјален развој од 813.000 евра

 Грант помош од 100 милиони јени (813.000 евра) за итна помош на здравствените институции кои се справуваат со КОВИД-19 беше доделен денеска од страна на јапонската Амбасада во земјава.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и јапонската амбасадорка Кеико Ханеда потпишаа Договор за јапонска грант помош за економски и социјален развој.

-Во услови кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи која има и сериозни социо-економски последици, оваа итна помош од Владата на Јапонија во висина од 100 милиони јапонски јени, или околу 813.000 евра е повеќе од добредојдена. Помошта значително ќе придонесе во јакнење на  капацитетите на здравствените установи и ќе им ја олесни работата на здравствени работници кои се на првата линија во борбата против пандемијата, истакна Димитров кој пред Церемонијата на потпишувањето на Договорот оствари проштална средба со амбасадорката Ханеда.

Тој во лично име и во име на Владата и се заблагодари на aмбасадорката Ханеда, која, како што рече како прв резидентен амбасадор во нашата земја, значително придонесе кон унапредување на билатералните односи како и зголемување на јапонските развојни средства за поддршка на проекти.

-Како Национален координатор за странската помош ќе се залагам за понатамошно продлабочување на билатералните односи и соработка и  верувам дека покрај развојната, ќе успееме да ја унапредиме и економската, културната и политичката соработка со Јапонија, порача Димитров.

Амбасадорката во заминување Ханеда нагласи дека Јапонија секогаш ги поддржувала реформите на земјава на евроатланскиот пат.

-Во оваа прилика би сакала да ви честитам за вашето членство во НАТО и почетокот за пристапни преговори за ЕУ. Вашите напори во реформите ќе се интензивираат и Јапонија би сакала да продолжи да ги поддржува, истакна амбасадорката Ханеда,.

На церемонијата на потпишувањето на Договорот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека донацијата од јапонската Амбасада е значајна помош и поддршка на здравствениот систем, таму кадешто е најмногу потребна.

-Амбасадата на Јапонија е една од амбасадите којашто е многу активна. Во рамките на соработката со здравствениот сектор, која во континуитет трае многу години наназад. Сведоци сме и сега дека огромен број на соодветна медицинска опрема и покрај тоа што е донирана пред повеќе од 20 години совршено функционира и се уште се аплицира во здравствената дејност, помагајќи на тој начин во услугите кои ги добиваат пациентите, рече Филипче.

Нагласи дека карактеристично за секоја една од донациите кои досега сме ги добиле од амбасадата на Јапонија и Јапонската држава и народ дека е многу детално проучена.

-Во таа смисла, поддршката на регионалните центри, здравствени домови во Кратово, Кавадарци, Македонски Брод, во Скопје беше нешто на што интензивно работевме во изминатиот период. Сакам да се заблагодарам  да посакам оваа успешна соработка да продолжи и понатаму, потенцираше министерот Филипче и додаде дека за првпат во нашата земја, благодарение на јапонската Амбасада достапен стана лекот „Авиган“ за пациентите со Ковид-19.

Јапонскиот грант во износ од 813.000 евра е за набавка на медицинска опрема и има цел да ги зајакне капацитетите на болниците како КОВИД-19 помош, дополнително од редовните половина милион евра грант помош кои секоја година се доделуваат на болници, училишта и општини во Северна Македонија.

Во изминатите три години се потпишаа вкупно 30 проекти со кои се обезбедија речиси три милиони евра неповратна помош, вклучувајќи го и културниот грант за Македонската Опера и Балет, наведуваат од јапонската Амбасада. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.10.2020 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега