Јанушев: Нападнат и кукавички каменуван штабот на ВМРО-ДПМНЕ

 

Вечерва беше нападнат и кукавички каменуван централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, инфрмира генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

-Нападот на ВМРО-ДПМНЕ е акт на насилство и вандализам, но и напад на сите оние кои ги штитат македонските национални интереси. Индициите за ова говорат дека одговорни за ваквиот напад е структури биски до власта, по принципот на Шарената револуција. На што го темелиме ваквото убедување? Веќе подолг период ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека власта предводена од Зоран Заев има насилно сценарио спроведувано од свои инсталации и полициски структури чија цел е да го турне ВМРО-ДПМНЕ во насилство како би можело полесно да се делегитимира нашата борба против капитулацијата на Заев во договорот со името, истакна Јанушев.

Тој оценува дека власта преку овие и слични провокации посакува нов 27-ми април каде Заев би се прикажал за жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета.

-Првиот  таков неуспешен пример беа насилните протести пред Собранието, каде за жал, колатерална штета беа недолжни граѓани, жени и деца. Тоа е целта и на вечерашниот напад за кој е многу веројатно дека ќе сака да се прикаже како наводно незадоволство на незадоволниците од ВМРО-ДПМНЕ, а впрочем вистинската одговорност лежи во оние кои ја имаат власта. ВМРО-ДПМНЕ има прецизни информации за оперативци од полициските структури кои финансираат и подбуцнуваат насилство кое треба да се насочи кон ВМРО-ДПМНЕ, истакна Јанушев.

Генералниот секретар вели дека ВМРО-ДПМНЕ има информации дека во ова се вклучени и лица од раководството на СДСМ.

-Впрочем, на сето ова претходело и средба во едно од скопските кафулиња каде лица од СДСМ биле во друштво со лица со дебело полициско досие, при што биле стимулирани да предизвикаат насилство. Ова е вистинското диктаторско лице на Зоран Заев. Во негови раце е и полицијата, судството и сите механизми, да го спречи сето ова и да ги открие сторителите. Ова е сериозен удар на демократијата. Ова е удар на демократските процеси каде главната опозициска партија е под напад. Овој начин на функционирање е препознатлив само во афричките диктатури, истакна Јанупев.

Според него, ова е сериозен доказ дека власта ја губи контролата.

 

 

 

 

24.06.2018 - 00:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа