Учениците денеска се вратија во училишните клупи за почетокот на второто полугодие, откако здравствените власти и МОН проценија дека состојбата со грипот не налага продолжување на зимскиот распуст. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во гостување на МРТ изјави дека е среќна што грипот не достигнал размери кои би ја одложиле наставата.
Таа испрати порака дека во македонското образование е „неопходно да се воведе ред“, особено кога станува збор за фондот на часови.
„Нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку од своите врсници во Европската Унија, чии стандарди ние сакаме да ги достигнеме… Сите истражувања покажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи, толку е поголем нивниот резултат“, истакна Јаневска.
Министерката апелираше и до родителите да разберат дека редовната настава е клучна за стекнување знаења и вештини.

