Јакимовски: Во Тафталиџе 1 нема да се изгради ниту еден нов објект

Во Тафталиџе 1 нема да се дозволи да се изгради ниту еден нов објект, вели градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, по шпекулациите во јавноста дека ќе има нова градежна експанзија во урбаната заедница Тафталиџе 1.

Јакимовски, како што соопштија од Општина Карпош, истакнал дека неговите размислувања по тоа прашање се на линија со ставовите на жителите од оваа урбана заедница и побара од нив да имаат доверба во него дека ќе си го испочитува ветувањето.

– Вистината е следна. Одговорно им тврдам на жителите на Тафталиџе 1 дека нема да се гради ниту еден објект на улиците „Букурешка“ и „Варшавска“, иако се ставени во овие предлог планови кои ги гледавме во изминатиот период. Граѓаните треба да имаат доверба во својот градоначалник. Тоа што е ветено ќе биде и исполнето од моја страна. Во други делови, ќе пристапиме со огромна внимателност пред било што да треба да се прави затоа што пораката на граѓаните ни е јасна, а истовремено и нашите размислувања одат во таа насока. Поради тоа не треба никој да се плаши ниту да го брани Тафталиџе од мене, вели Јакимовски во краткото видео објавено на неговата фејсбук страница.

Во однос на реакциите во врска со објектот популарно наречен „Домче“, градоначалникот Јакимовски објасни дека станува збор за посериозен проблем во кој сопственикот на имотот, Социјалистичката партија на Македонија, во моментот ја тужи општината затоа што претходниот градоначалник потпишал договор за комуналии кои биле уплатени од страна на сопственикот, а потоа не им издал градежна дозвола. Поради тоа, СПМ сега бара отштета во висина од 200 милиони денари. Јакимовски вети дека ќе стори се, да најде решение за „Домче“, заедно со граѓаните, во кое никој нема да биде оштетен.

– Што се однесува до објектот популарно познат по името „Домче“, тој е во сопственост на Социјалистичката партија на Македонија. СПМ побарала градежна дозвола, мојот претходник го потпишал договорот за комуналии, уплатени се комуналиите, но потоа не е издадена градежна дозвола. Тоа што е најстрашно е што парите не им се вратени на СПМ, односно парите за комуналии, за денес СПМ да ја тужи општината и да бара отштета од 200 милиони денари. За жал не е приговарано на вештачењето, ниту пак од страна на општината е понудено контра вештачење кое што ќе ја демантира таа сума. На овој проблем мора да му пристапиме крајно внимателно. Поставен сум тука да не и правам штета на општината, ниту на граѓаните на општина Карпош, вели Јакимовски.

10.12.2021 - 16:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега