Во Основниот Кривичен суд Скопје вчера на обвинителна клупа седна Стојанче Јовановски, обвинет за насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, и нивната шестгодишна ќеркичка, кои заедно во прегратка скокнаа од шести кат на 2 март во Скопје.

Во судницата, обвинетиот Јовановски се смеел и мафтал со главата во знак на негодување. Во моментот кога биле опишани смртоносните повреди и прекинот на мозочните функции кај жртвите, тој го покрил лицето со рацете, наведнат на судската клупа.

-„Обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата. Ја тепал до онесвестување, ја нарекувал со највулгарни зборови и ѝ се заканувал дека ќе ѝ го одземе детето откако претходно со измама ја натерал да му го препише својот дел од станот како дар“, истакна вчера обвинителката во Основниот Кривичен Суд во Скопје.

-„Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, ми кажа дека Ивана била нападната од Стојанче и оти некако излегла. Ме советуваше да пријавам во полиција зашто по физичкиот напад од сопругот, не знаеле каде е Ивана. Пријавив, полицијата ме викна во станица. Отидов со Катја. Дојде и Ивана со оток и црвенило на вратот и модрици на рацете. Ја зедоа Катја горе да ја анимираат и опуштат, но и да разговараат со детето”, кажа Љубица Стојаноска, мајката на Ивана.

Според нејзиното сведочење, враќајќи се лани од свадба од Штип, Ивана го згрешила патот. Се скарале, го запрел возилото. Ги извадил со детето надвор, фатил да ја удира на сред автопат. Откако ја изнатепал, ги оставил неа и детето среде автопат во глуво доба и си заминал.

Катја подоцна изјавила дека и таа била физички нападната од Стојанче. Ивана се јавила кај свекрвата барајќи да дојде по нив на автопатот, но таа одговорила дека има здравствени проблеми и не може да дојде, додека свекорот исто така одбил.

Потоа се јавиле кај Мартин Саздов, кој дошол по нив и ги однел Ивана и Катја дома.

Ивана, по инцидентот на автопатот, останала кај своите родители, но само до 19 декември, на куќната слава на родителите за Свети Никола, кога повторно отишла да живее со Стојанче во заедничкиот стан на „Теодосиј Гологанов“ во Скопје.

Љубица изјавила дека Ивана била хоспитализирана поради хематом на абдоменот предизвикан од силен удар. Лекарите предупредиле дека разградувањето на хематомот било опасно и очекувале итна операција, па затоа таа била задржана во болница.

Стојанче дошол во посета заедно со Катја, и во болница ја бутнал Ивана по скали, при што таа паднала долу. Болничар ја кренал и веднаш ја однел на компјутерска томографија за снимање на главата.

Медицинските сестри ја згрижиле Катја, која им кажала дека е гладна. „Вчера јадевме ѓевречиња, тато ме заклучи и отиде да вежба“, им кажало детето на сестрите.

 Јовановски се товари за три тешки кривични дела, меѓу кои и „наведување на самоубиство и помагање во самоубиство“.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, кој веќе и е познат на јавноста по процесот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежев.

Exit mobile version