Луксузното „ауди А6“, кое стана симбол на расипништвото во Струга, повторно е во центарот на вниманието. Иако новата локална власт планираше да го продаде на аукција на 16-ти овој месец, процесот е закочен од извршители. Причината е долг на Општината од 2016 година, кој поради камати пораснал од 1,4 на фрапантни 3 милиони денари.
Наместо спортските клубови и децата со посебни потреби да добијат ново комбе од продажбата на возилото купено за 67.000 евра, парите сега „висат“ поради наследените финансиски дупки. Од кабинетот на градоначалникот Менди Ќура велат дека се во комуникација со засегнатите страни, но случајот само потврдува колку е тешка финансиската состојба на Општината која Рамиз Мерко ја остави со блокирана сметка.


