Израел излезе со стратешка понуда до Германија за зајакнување на европската воздушна одбрана, предлагајќи производство на познатиот противракетен систем „Железна купола“ директно на германска територија. Оваа информација првично ја објави „Џерусалем пост“, повикувајќи се на интервју за германскиот весник „Билд“.
Јувал Штајниц, висок претставник на израелската државна компанија „Рафаел“ (производителот на „Железна купола“), во интервјуто детално ја објасни важноста на системот и неговиот потенцијал за заштита на Европа. Тој потенцираше дека ваквиот договор би бил од взаемен интерес.
„Би биле среќни ако можеме да извезуваме повеќе технологија и знаење во Германија, што би создало и работни места во земјата“, изјави Штајниц.
Осврнувајќи се на ефикасноста на системот кој е во употреба од 2011 година, Штајниц презентираше фрапантни бројки за неговото значење во екот на последните регионални конфликти.
„Од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, речиси 50.000 ракети се испукани кон земјата од различни точки на Блискиот Исток. Без системот за воздушна одбрана, а особено без ‘Железната купола’, денеска ќе тагувавме за огромен број жртви во Тел Авив, Хаифа и Ерусалим. Нашата економија ќе се срушеше“, нагласи тој.
На крајот од интервјуто, претставникот на „Рафаел“ упати јасно геополитичко предупредување до европските лидери, посочувајќи на Иран како потенцијална закана и за стариот континент.
„Доколку Иран и другите земји можат толку лесно да го загрозат и заплашат европскиот континент, а Европа остане без никаква заштита, тогаш таа станува ранлива и може да биде уценета“, заклучи Штајниц.


