Излеани Пчиња и Крива река - поплавени викендици, земјоделско земјиште и механизација

Се намалува притисокот на водотеците во Кумановско и општина Старо Нагоричане, но нивоата на Пчиња и Крива река сè уште се на високо ниво, проценија денеска стручните лица од РЦУК Куманово и од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ чии екипи веќе извесен период се на терен и ги отстрануваат дрвјата и гранките во надојдените води на двете реки.

Според РЦУК Куманово, Крива река сè уште е излеана кај Бељаковце, Довезенце, Јачинце, Клечовце, додека Пчиња кај селата Шупли Камен, Пчиња и Студена Бара.

Од обилните врнежи во кривопаланечкиот регион и козјачијата, зголемени се водостојот на притоките на Пчиња, Градошница и Петрошница, како и на Ветуничка река и Живуша кои се влеваат во Крива река.

– По течението на Пчиња поплавено е претежно земјоделско земјиште седум-осум викенд куќички итри-четири индивидуални куќи за живеење, претежно помошни објекти штали, кокошарници и свињарници. Поплавено има и дел од обработливо земјоделско земјиште во селата. Шупли Камен, Јачинце, Довезенце и Клечовце и во село Пчиња и Студена Бара-соопштија од РЦУК Куманово. Оттаму додаваат дека проблем е претходно полупаднатиот мост во село Довезенце, кој предизвикува излевање кон соседното Јачинце. И мостот со цевки кај „Визијана“ е во незавидна состојба. Во Старо Нагоричане Пчиња е излеана кај Меморијалниот Центар АСНОМ до мостот Коинце во должина седум километри, велат од РЦУК.

Според увидот, зголемен е протокот на Пчиња во општина Старо Нагоричане претежно поради зголемениот водостој во Србија од каде што доаѓа, како и низводно поради вливот и зголемениот проток на реките Бистрица, Алгушница, Петрошница.

– Контактирани се координирани се сите институции општина Куманово и Старо Нагоричане, а во моментот се преземаат дејствија на Река Пчиња во с. Војник, како и Ветуница во атар на општина Ранковце за отстранување на пречките од вегетацијата и правење насипи заради нормален проток и отстранувањето на можности од излевање од страна на АД Кумановско Липковско Поле, информираат од Центарот.

И жителите на Довезнце раскажуваат дека секоја година при поголеми врнежи имаат штета.

– Дојде во еден часот по полноќ не знаевме што да правиме, кокошки, свињите ги качивме, река, вода, немаше помош, кравите беа во вода, животните ги носевме на кат, изјави Радмила Стојановска, жителка на село Довезенце, додека жителот Јовица Божиновски вели дека по секои обилни врнежи реката го пресекува мостот.

Раководителот на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, Оливер Илиевски изјави дека екипите на веќе неколку дена интервенираат на терен.

– Состојбата на реките во моментот се стабилизира, Пчиња почнува да опаѓа, очекуваме од утре поголемо опаѓање, додека Крива река е на исто ниво од вчера, очекуваме од утре исто да почне да опаѓа, изјави Илиевски.

Втора екипа од ова претпријатие е кај село Пчиња и ја отстранува дрвната маса кај претходно оштетениот мост.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.01.2021 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега