Иванов: Во 2019 да видиме суштински и добро обмислени европски реформи и капитални инвестиции

Се надевам дека освен избори, во оваа 2019 година ќе видиме и суштински и добро обмислени европски реформи и капитални инвестиции кои реално ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа ќе биде вистински повод за триумфализам. Бидејќи тоа им е потребно на македонските граѓани, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на приемот, што по повод новогодишните и божиќните празници вечерва во Скопје го приреди за претставниците на дипломатскиот кор.

„Моите ставови во однос на последните случувања во Република Македонија ги искажав и во годишното обраќање во Собранието, но и од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации. Не би променил ниту еден збор, бидејќи ја зборував вистината за она што им е најпотребно на граѓаните. Тоа ми дава сила да останам доследен на моите одлуки и ставови. Ќе го повторам следново. Правото на самоопределување и правото на постоење на македонскиот народ, но и принципите на демократијата и владеењето на правото не смеат да бидат доведени во прашање“, рече претседателот Иванов. 

„Членството во Европската Унија и во НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а Европската Унија значи просперитет“, порача македонскиот претседател.

Навраќајќи се на изминатите десет години од неговиот мандат, претседателот Иванов се заблагодари на сегашните и поранешните амбасадори кои помогнаа во продлабочувањето на билатералните односи на Република Македонија.

„Во изминативе десет години како Претседател на Република Македонија имав можност да се среќавам и да соработувам со околу 170 резидентни и нерезидентни амбасадори од околу 100 држави и меѓународни организации. Иако не бев во можност со сите да имам чести средби, сепак, ја користев секоја прилика за да размениме мислења за важни прашања. Еден од таквите настани е и традиционалниот новогодишен прием“, рече претседателот Иванов. 

Претседателот Иванов за 7 мај ја најави посетата на Неговата Светост, Папата Франциск. 

„Во фокусот на неговата официјална посета на Република Македонија ќе биде Мајка Тереза како израз на вистинскиот, автентичен соживот, којшто не е сосила наметнат, туку органски извира од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Почитувањето на различноста е израз на доверба, а клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност“, рече претседателот Иванов. 

Традиционалниот прием на дипломатскиот кор изминатите години беше приреден во Скопје, Струга, Гевгелија, Битола, Крушево и во Берово, а беа посетени и Дојран и Вевчани.

„Тоа беше одлична можност, особено за нерезидентните дипломати, подобро да ја запознаат Република Македонија, нејзините трајни вредности, богати традиции и туристички потенцијали. Од оваа дипломатска турнеја се родија и нови иницијативи за соработка на локално ниво, за збратимувања на градови и размена на искуства, на мое големо задоволство“, рече претседателот Иванов. 

На вечерашниот прием се обрати и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. г. Матс Стафансон.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.01.2019 - 20:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега