На ден 27.02.2026 година Црвениот крст на РСМ изврши последна исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, на 18 лица поделени во 2 категории, во вкупен износ од 11.200.000,00 денари.
Исплатата на средствата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица подготвен врз основа на втората евалуација на здравствената состојба на повредените лица и прогнозата за нивно понатамошно лекување, од страна на Комисијата на Министерството за здравство.
Вкупниот досегашен трансфер на средства изнесува 164.744.901.00 денари.
Црвениот крст со цел поголема транспаретност и отчетност, подготви Извештај за фактичките наоди за состојбата со приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност, за периодот од 16.03.2025 до 22.08.2025 година, кои се однесуваат за поддршка на настраданите од пожарот што се случи во Кочани на 16.03.2025 година. Извештајот е објавен на веб страна на ЦКРСМ на следниот линк: https://api.ckrm.org.mk/wp-content/uploads/2025/10/Revizorski-izveshtaj-CKRSM-09-09-2025.pdf
Во тек е подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства од Фондот на солидарност, кој ќе го опфати останатиот период и истиот ќе биде споделен со јавноста и сите заинтересирани страни до 15 март оваа година.
Црвениот крст уште еднаш се заблагодарува на сите донатори што придонесоа за мобилизирање на хуманитарна поддршка за настраданите лица и нивните семејства.
Црвениот крст продолжува со своите активности на терен со акцент на обезбедување на психолошка поддршка за настраданото население во пожарот во Кочани преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.


