Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за „Ал-Араби Ал-Џадид“ се обиде да стави крај на шпекулациите за состојбата на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, тврдејќи дека тој непречено раководи со државата. Ова доаѓа како директен одговор на тврдењата на американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, кој во петокот изјави дека Хамнеи е „ранет и веројатно обезличен“ во израелскиот напад на почетокот на војната, во кој загинаа неговиот татко и сопругата.

„Тој е во одлична здравствена состојба, ја контролира ситуацијата и е присутен на својата функција. Времето на телевизиските пораки или директните појавувања пред народот е негова прерогатива“, изјави Арагчи, иако во јавноста сè уште не се објавени фотографии од лидерот по нападот.

Во однос на тековниот конфликт, шефот на иранската дипломатија постави строги услови за прекин на огнот. Тој инсистираше дека Иран нема да престане да се бори сè додека не добие цврсти гаранции дека нема повторно да биде нападнат и додека не му бидат исплатени воени репарации. Воедно, Арагчи потврди дека стратешкиот Ормутски теснец е затворен, но само за „Америка и нејзините сојузници“.

Правдајќи ги стотиците ирански напади врз соседните држави во Персискиот Залив, Арагчи тврди дека мета се исклучиво американските воени инсталации.

„Не нападнавме никакви станбени или цивилни цели. Можеби имало колатерална штета во станбени области, што е нормално во секоја војна“, рече тој.

Сепак, фактите на терен покажуваат дека ирански дронови и ракети погодија цивилна инфраструктура во ОАЕ, вклучувајќи го аеродромот во Дубаи и финансискиот центар. Арагчи дури и директно се пофали со нападите врз канцелариите на „Ситибанк“ во Манама и Дубаи, нарекувајќи ги одговор за американскиот напад врз иранска банка во Техеран пре преку која се плаќале нивните безбедносни сили.

На крајот, тој изнесе и контра-обвинувања кон Вашингтон и Тел Авив.

„Иран неодамна доби информации што укажуваат дека САД и Израел, исто така, извршуваат напади од одредени локации кон арапските земји“, заклучи Арагчи.

Exit mobile version