Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес издаде остро предупредување до светот, прогласувајќи го атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, за директен чин на агресија што ги надминува националните граници. Во своето официјално обраќање, Пезешкијан нагласи дека овој напад не може да се гледа само како напад врз политичкото раководство на една земја, туку како отворена објава на војна врз целиот муслимански свет.

Атентатот врз Хамнеи е објава на војна врз сите муслимани, одмаздата е неизбежна – рече тој.

Иранскиот претседател нагласи дека овој чин ја преминал критичната линија, што неизбежно подразбира решителен одговор од Техеран. Според него, правото на одбрана и одмазда станува приоритет на државата во овој момент, истакнувајќи дека одговорните за овој чин ќе сносат непредвидливи последици.

Ова големо злосторство никогаш нема да остане без одговор и ќе сврти нова страница во историјата на исламскиот свет и шиизмот. Чистата крв на овој високо рангиран лидер ќе тече како бучен поток и ќе ги искорени американско-ционистичките угнетувања и злосторства – се вели во соопштението, како што објави Ал Џезира.

Пезешкијан вели дека „и овој пат, со сета своја сила и решителност, со поддршка на исламската нација и слободните луѓе на светот, иранските власти ќе ги натераат нарачателите и сторителите на ова големо злосторство да се покаат“.

Ќе нападнеме со сета наша моќ
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, денес вети дека ќе ги нападне САД и Израел со невидена сила, откако во нивната офанзива против Исламската Република беше убиен врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

„Вчера, Иран испука ракети кон САД и Израел, предизвикувајќи голема штета. Денес, ќе ги погодиме со сила што никогаш порано не ја доживеале“, напиша високиот ирански функционер Али Лариџани на X.

Црвено знаме на џамија
Иран крена црвено знаме над џамијата Џамкаран во Ком, како шиитски симбол на одмазда за смртта на Хамнеи во вчерашните американско-израелски напади врз муслиманскиот лидер.

Црвеното знаме над џамијата Џамкаран во шиитска традиција ја симболизира крвта на неправедно убиените и повик за одмазда, а се крева по атентатот врз важни лидери или големи напади.

Патем, иранскиот претседател Песекијан се заколна на одмазда и рече дека атентатот врз Хамнеи се смета за објавување војна против муслиманите.

Exit mobile version