Инспекторите од утре ќе проверуваат дали поевтиниле макароните и млекото, казни и до 10.000 евра за непочитување на одлуката

 

Пазарната инспекција од утре на терен ќе врши контроли по маркетите за да види дали се спроведува одлуката за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.

Контролите ќе се вршат над производите што ги опфаќаат одлуките за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, односно: тестенини неварени, неполнети, ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети), чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените што се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало и се намалуваат 15 отсто.

Понатаму, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и од 3,5 %; урда; кравјo бело сирење и мешано бело сирење; кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан); кисело млеко; павлака и јогурт, без додатоци, а највисоките цени на наведените млечни производи се утврдуваат на нивото на цените што се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало и се намалуваат 10 проценти.

Во случај да се утврди прекршување на одлуките, ќе следуваат казни од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.

Државниот пазарен инспекторат објави дека ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуките, но нема надлежност да постапува ниту, пак, да влијае врз формирање на цените во трговијата на големо и трговијата на мало.

Апелираат да се почитуваат одлуките, а исто така ги повикуваат граѓаните, доколку забележат неправилности, веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат.

15.03.2023 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа