Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе вонреден инспекциски надзор во девет новогодишни куќарки во градската чаршија во Струга, при што издаде решенија за времена забрана за вршење дејност поради неисполнување на основни хигиенски услови.
Како што информираат од Агенцијата, на угостителите им се изречени парични казни во износ од 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за нивна регистрација во АХВ како оператори со храна.
При контролата спроведена на 22 овој месец било утврдено дека во новогодишните куќарки работеле физички лица во нехигиенски услови. Куќарките не биле поврзани на градската водоводна мрежа, немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а лицата кои работеле во нив немале извршено задолжителни здравствено-санитарни прегледи.
Дополнително, инспекцискиот надзор покажал дека не се почитувале ниту правилата за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните.
Од Агенцијата нагласуваат дека решенијата за времена забрана за вршење дејност ќе останат на сила сè додека не бидат исполнети сите законски и хигиенски услови за безбедно работење.

