Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) упати јавен повик до инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини и јутјуберите, односно до физичките лица кои обезбедуваат аудиовизуелни медиумски услуги по барање, да се регистрираат во Агенцијата. Со измените на медиумската легислатива од јули 2023 година, за првпат институционално беше препознаено постоењето и влијанието на овие субјекти. Со тоа, инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини и јутјуберите кои нудат аудиовизуелни медиумски услуги по барање станаа предмет на регулација и добија законска обврска да се евидентираат во АВМУ.

Обврската за регистрација се однесува на оние даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање кои ги исполнуваат следниве услови:

– услугите ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа, како што се YouTube, Instagram, TikTok и слични платформи;

– имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;

– остваруваат економски интерес од медиумската услуга;

– во последните 12 месеци имаат објавено најмалку 24 аудиовизуелни содржини;

– содржините се наменети за информирање, едукација или забава и за нив постои уредничка одговорност.

Подетално образложување на критериумите е содржано во Правилникот на Агенцијата, со кој се уредуваат формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Бидејќи станува збор за законска обврска, АВМУ ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат наведените услови, во најкраток рок да поднесат пријава за упис во Регистарот.

Сите релевантни документи поврзани со нивното работење и обврски се достапни на веб-страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“. За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните можат да се обратат до Агенцијата преку е-поштата influenseri@avmu.mk

Exit mobile version