Индија денеска успешно го изврши првото тестирање на ракетата „Куша“, систем земја-воздух со долг дострел – соопштија индиските власти.

Тестирањето го спроведе Организацијата за истражување и развој во одбраната (DRDO) од островот „Д-р АПЈ Абдул Калам“, крај брегот на источната сојузна држава Одиша.

Индискиот министер за одбрана Раџнат Синг на социјалната мрежа Икс објави дека ракетниот систем „Куша“ е способен да неутрализира широк спектар воздушни закани, вклучувајќи борбени авиони, ракети, беспилотни летала и големи непријателски воздухоплови на различни височини и на големи растојанија.

Според него, денешното успешно тестирање претставува „важна пресвртница“ за индиските истражувања и развој во областа на одбраната.

„Само мал број земји во светот располагаат со способност за развој на ракетен систем земја-воздух со долг дострел“, истакна Синг.

Тој додаде дека новиот систем ќе ја намали зависноста на Индија од увоз на вакви системи и претставува голем исчекор во зајакнувањето на националната противвоздушна одбрана.

Exit mobile version