По ширењето на алармантни наслови во медиумите за појавата на вирусот Нипа (NiV) во Индија, познатиот епидемиолог д-р Драган Даниловски излезе со стручна анализа за тоа колкав е реалниот ризик за Македонија. Според него, паниката не е оправдана, а сензационализмот не смее да ја замени реалната проценка на ризикот.
Д-р Даниловски појаснува дека во Индија се регистрирани само пет случаи и дека епидемиолошката ситуација таму е под контрола. Тој нагласува дека Нипа е зоонозен вирус кој тешко се пренесува од човек на човек.
„За да ‘влезе’ Нипа во Македонија, би било потребно лице што било експонирано на вирусот и развило симптоми по враќање. Дури и тогаш, ризикот од понатамошно ширење во општата популација останува низок, бидејќи за пренос треба интензивен близок контакт“, објаснува д-р Даниловски.
Докторот додава дека постоечките здравствени протоколи и внимателна епидемиолошка анкета при влез во земјата се сосема доволни за заштита.

