Со закројување на винова лоза во дворот на црквата „Свети Трифун“ во н.м. Ајватовци, Општина Илинден традиционално го одбележа празникот посветен на заштитникот на лозарите – Св. Трифун. Чинот на закројување, како симбол на нов почеток и плодна година, се одржа во присуство на бројни граѓани, љубители на виното и поддржувачи на локалната традиција.

Во рамки на манифестацијата „Саем на домашно вино“, во организација на црковниот одбор при црквата „Свети Трифун“, а под покровителство на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, беше организиран избор на најквалитетно домашно произведено вино на територија на општината.

Настанот годинава обедини 9 производители на домашно вино. Стручната комисија, составена од членови на здружението „Вински витези“, имаше одговорна задача да ги оцени пристигнатите примероци, при што согласно нивната одлука, Плакетата за најдобро домашно произведено вино му беше доделена на Ѓорѓи Цветановски, второто место го освои Слободан Јованоски, додека третото место му припадна на Тони Георгиевски.

На сите учесници им беа врачени благодарници за учеството и придонесот во афирмацијата на манифестацијата.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека негувањето на ваквите традиции претставува важен сегмент од локалниот развој, како и дека Општина Илинден ќе остане посветена на зачувување на традицијата, поттикнување на локалното претприемништво и создавање на настани кои ја обединуваат заедницата.

Exit mobile version