И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „направија“ Влада

23 дена по завршувањето на изборите се уште нема официјални информации за евентуален договор меѓу политичките партии за формирање на мнозинство во Собранието кое ќе го избере новиот состав на македонската Влада. Се што може да се слушне деновиве од политичките табори е дека преговорите се во тек но дека се уште нема детали кои би можеле да се објават во јавноста. Во отсуство на официјални информации, вчера во текот на вечерта во медиумите можеше да се прочитаат серија шпекулации според кои практично сите партии обезбедиле мнозинство

Дел од медиумите кои известуваат на албански јазик објавија дека паднал договор за коалиија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно со Левица. 

Наводно, договорот бил премиер на новата Влада да биде Лазе Еленовски. Други извори јавуваат дека паднал договор за ротирачки премиер со што, првата година на таа позиција предлог би дал ДУИ а наредните три ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите информации од ДУИ првично не сакаа ниту да ги потврдат ниту да ги демантираат за подоцна, портпаролот на партијата, Бујар Османи да прецизира дека ДУИ се уште нема договор ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и утрово нема ниту потврда ниту демант на оваа информација.  Партискиот портпарол, Димче Арсовски на утринската прес конференција го повтори ставот кој вчера кружеше во медиумите.

„ВМРО-ДПМНЕ како што можевте да видите и вчера низ медиумите каде што имав одговор  на прашање, работи на формирање на парламентарно мнозинство и информации од непотврдени и неидентификувани извори ниту ги потврдуваме ниту ги демантираме. Гледаме дека СДСМ и Заев викаат дека имале мнозинство, а пак од друга страна тоа не го потврдуваат политичките партии. Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори  „СДСМ има мнозинство“ не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласи на тоа. Во спротивно на тоа СДСМ во овој момент освен што дрско краде, дрско и лаже што впрочем не е ништо ново за нив изминативе три години. Така да може слободно да одговорат со кого формирале и детали околу парламентарното мнозинство“ – рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање. 

Вчера доцна вечерта медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ пренесоа информација дека и на Бихаќка имаат мнозинство во Собранието кое ќе им овозможи формирање на Влада, без да прецизираат со кои партии планираат заеднички да го изгласаат новиот владин кабинет. 

Сепак, партискиот претседател Заев, на средбата со германската амбасадорка Анке Холштај утрово потенцирал дека неговата партија се уште е во преговори за формирање на владата кои како што рекол се мошне сериозни.

„ Водиме процес на разговори преку кои ќе обезбедиме сигурно стабилно парламентарно мнозинство преку кое ќе обезбедиме нова, одговорна Влада со полн четиригодишен мандат. Заради преговорите со ЕУ, заради предвидливоста и економската сигурност, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и формирање стабилна, одговорна Влада која ќе движи брзо напред. Развој и унапредување на економијата и реформи во правосудството ќе бидат врвните приоритети на новата Влада предводена од СДСМ и тоа ќе го покажеме уште во првите сто дена од мандатот“, нагласи Заев, пренесува СДСМ во партиското соопштение.

За формирање на Влада потребно е апсолутно мнозинство во Собранието од 61 пратеник. Претседателот Пендаровски преку соопштение на неговиот кабинет вчера потенцираше дека мандатот ќе го додели на оној кандидат кој ќе му обезбеди докази дека ја има потребната поддршка во законодавниот дом. 

Согласно Уставот, по добивањето на мандатот, новиот мандатар има рок од 20 дена на Собранието да му го достави предлогот за состав на новата Влада. По ова собранискиот спикер, кој дополнително треба да се избере е должен да закаже седница во рок од 15 дена. Согласно собранискиот Деловник седницата за избор на Влада не може да трае подолго од два дена а се гласа вториот ден пред полноќ доколку претходно не се исцрпи списокот со пратеници пријавени за дискусија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.08.2020 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега