Без струја, греење и топла вода цел ден. Студентите во студентскиот дом во Никола Карев во Охрид повеќе од 8 часа се без електрична енергија, а со тоа и без греење и без топла вода.

„Струја во домот нема од утрово од 10:00 часот, и според информациите од студентите, прекинот е во целиот дом, додека во околината има редовно снабдување. До овој момент не е познато кога струјата ќе биде повторно пуштена, ниту има официјална информација од надлежните“, пренесува гласникот Студентарија на социјалната мрежа Инстаграм.

Според сведоштвата на студентите, парното греење во домот не работи веќе подолг период. За да се стоплат, тие биле принудени сами да се снаоѓаат со електрични греалки донесени од дома. Со исклучувањето на струјата, им беше одземена и последната можност за затоплување на собите.

Додека надворешната температура во Охрид се спушта до 6 степени Целзиусови, студентите се обидуваат да ги поминат зимските денови во соби каде нема ниту осветлување, ниту греење.

Студентарија пренесува дека неофицијално струјата е исклучена поради неплатени сметки од страна на раководството. Студентите тврдат дека немале никаква најава за прекинот, ниту пак добиле одговор од надлежните до кога ќе трае оваа агонија.

Видеоснимките што кружат на социјалните мрежи покажуваат загрижувачки сцени: ходници во целосен мрак и студенти кои бараат итна реакција од институциите.

Г. Лескова

Exit mobile version