Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола на пазарот на труд, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегални практики. Со измените на Законот за странци се предвидуваат построги здравствени критериуми, како и задолжително познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.

Граѓаните на трети земји, меѓу кои и Македонија, при аплицирање за прва дозвола за привремен престој ќе мора да достават потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Познавањето на хрватскиот јазик се наведува како клучна основа за интеграција на странските работници. Државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици преку Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците останува слаб.

Според официјалните податоци, Хрватска годинава издала над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се отворени 100.000 нови работни места, додека бројот на невработени е намален на 81.000, што, според него, е резултат на активната политика за вработување.

Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во моментов во Хрватска работат околу 140.000 странски работници и дека со измените на законот ќе се намали бројот на нови дозволи, а ќе се зголеми значењето на работниците кои веќе престојуваат во земјата.

Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, оцени дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 странски работници поради економскиот раст и зголемениот број пензионирања, бидејќи домашниот пазар на труд не може целосно да ги задоволи тие потреби.

Exit mobile version