Европската унија усвои нов механизам за распределба на миграцискиот товар меѓу земјите членки. Според новите правила, група држави, меѓу кои и Хрватска, ќе имаат посебен статус и привремено ќе можат да бидат изземени од задолжителниот прием на дополнителни мигранти.

Покрај Хрватска, во оваа група се вклучени Германија, Белгија, Бугарија, Естонија, Франција, Финска, Ирска, Литванија, Латвија, Холандија и Полска. Европскиот комесар за внатрешни работи, Магнус Брунeр, нагласи дека овие земји веќе подолг период носат голем дел од товарот за згрижување на азиланти и се изложени на зголемен миграциски притисок.

Земји со право на изземање

До крајот на 2026 година, државите од оваа група ќе можат да побараат делумно или целосно ослободување од обврската за прием на мигранти, како дел од механизмот на солидарност. Наместо тоа, тие ќе можат да придонесуваат преку финансиски средства или материјална поддршка за земјите кои се најмногу погодени од новите миграциски бранови.

Европската комисија во извештајот посочува дека Грција, Кипар, Шпанија и Италија остануваат земји под најголем притисок и ќе имаат право на дополнителна помош од партнерите во Унијата. Тие се соочуваат со најголем број пристигнувања преку Средоземното Море и со значителен број барања за азил.

Нови обврски и мерки на границите

Како дел од реформата на заедничката азилна политика (GEAS), земјите на надворешните граници на ЕУ ќе имаат обврска да вршат регистрација и безбедносни проверки на новопристигнатите мигранти, како и да спроведуваат побрзи постапки за азил во специјализирани центри под зголемен надзор.

За подобрување на техничката опрема и надзорот на границите, ЕУ издвојува 250 милиони евра, вклучувајќи набавка на дронови и системи за следење на зелените граници. Комесарот Брунeр истакна дека строгата миграциска политика веќе дава резултати, наведувајќи дека незаконитите преминувања на границите се намалени за 35% во изминатата година.

Цел: правична распределба на одговорностите

Извештајот, кој претставува основа за спроведување на реформата, е клучен дел од планот за попрaвична распределба на миграцискиот товар меѓу земјите членки. Европската комисија ги анализирала бројот на барања за азил, економската сила и населението на секоја земја за да го утврди нивото на одговорност и помош.

Новиот систем има за цел да го спречи движењето на мигрантите кон земјите од северна и западна Европа и да го зајакне управувањето со азилните постапки на надворешните граници на Унијата. За предложените мерки ќе се расправа во наредните месеци меѓу земјите членки, а одлуките треба да бидат усвоени пред крајот на 2026 година

Exit mobile version