Група одбранбени експерти предупредуваат дека Обединетото Кралство и неговите сојузници не се доволно подготвени за можен воен конфликт во Европа, кој, според нивните проценки, би можел да избие во наредните неколку години. Овие оценки биле изнесени на состанок одржан минатиот месец во Вајтхол.

Меѓу експертите имало актуелни и поранешни припадници на вооружените сили, владини и НАТО функционери, како и претставници од одбранбената индустрија. Тие оценуваат дека Русија се подготвува за потенцијален директен судир со Европа и предупредуваат дека, покрај зголемувањето на буџетите за одбрана, неопходна е и суштинска промена во начинот на размислување кај европските влади и граѓаните.

Според нив, Русија веќе води хибридна војна против Западот, преку саботажи, ширење дезинформации и напади врз критичната инфраструктура. Овие активности, како што посочуваат експертите, веќе предизвикале зголемена загриженост кај населението, особено во балтичките земји, каде што се регистрираат сè почести нарушувања на воздушниот простор и активности со дронови.

Анализите на НАТО и на националните разузнавачки служби укажуваат дека Русија би можела да се обиде на воена акција против Европа во период од три до пет години. Во исто време, експертите предупредуваат дека голем дел од одбранбените планови сè уште постојат само на хартија и не се целосно имплементирани.

Одбранбени експерти од Обединетото Кралство наведуваат дека, со сегашното темпо, земјата би можела да достигне целосна воена подготвеност дури за околу десет години, што, според нив, не одговара на реалната временска рамка на заканата.

Одредени позитивни чекори веќе се забележуваат во дел од европските држави. Шведска, Финска, Литванија и Латвија ја зајакнаа граѓанската и воената одбрана, додека Германија и Полска воведоа програми за доброволна воена обука. Сепак, експертите нагласуваат дека ефектите од овие мерки ќе зависат од довербата на граѓаните во институциите и од нивната подготвеност активно да се вклучат во заштитата на општото добро.

Exit mobile version