Силно невреме проследено со интензивни врнежи од дожд го погоди турскиот град Самсун, предизвикувајќи поплави кои го парализираа сообраќајот и предизвикаа штети на бројни инфраструктурни објекти. Според официјалните информации, во невремето се повредени 12 лица, кои беа итно пренесени во болница за укажување лекарска помош.
Поројните дождови ги претворија улиците во реки, носејќи сè пред себе, поради што голем број возила останаа заглавени во водената маса. Спасувачките екипи веднаш беа распоредени на терен за да помогнат во евакуацијата на граѓаните и расчистувањето на критичните точки во градот. Пријавени се оштетувања на приземните простории во голем број домови и деловни објекти, а надлежните апелираа до жителите да бидат претпазливи и да избегнуваат движење во погодените подрачја додека состојбата не се стабилизира и додека не заврши проценката на штетите.


