Сообраќајот во поголемите грчки градови, особено во Атина и Солун, денеска е во сериозен застој откако таксистите го започнаа најавениот штрајк на неодредено време. Оваа радикална одлука на синдикатите доаѓа како одговор на новите законски регулативи и даночни реформи кои владата планира да ги воведе во овој сектор.
Штрајкот веќе предизвика големи проблеми за граѓаните, но и за туристите, бидејќи пристапот до аеродромите, пристаништата и железничките станици е значително отежнат.
„Нема да отстапиме додека не се повлечат мерките што нè водат кон банкрот. Овој штрајк ќе трае додека нашите барања не бидат исполнети“, порачаа од Синдикатот на такси возачи во Атина.
Главните поплаки на таксистите се однесуваат на високите трошоци за гориво, конкуренцијата од платформите за превоз и новите фискални правила кои, според нив, се неодржливи. Додека траат протестите, се очекува зголемен притисок врз градскиот превоз (автобуси и метро), каде веќе се забележуваат огромни гужви.
Властите во Грција апелираат на трпение, но засега нема најава за нов состанок меѓу владата и претставниците на таксистите, што навестува дека блокадите би можеле да потраат.


