Вистинска драма се случувала на летот TK1853 на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Барселона, откако авионот морал итно да слета поради закана за бомба. Како што соопштија од авиокомпанијата, причината за паниката била бизарна – еден од патниците го сменил името на својот „hotspot“ (интернет точка) на мобилниот телефон во порака која содржела закана за експлозивна направа.
Веднаш по откривањето на спорното име на мрежата, биле активирани сите безбедносни протоколи. По слетувањето на аеродромот „Ел Прат“, авионот бил изолиран, а шпанските безбедносни служби извршиле детален преглед.
Директорот за комуникации на турската компанија, Јахја Устун, потврди дека процедурите се спроведени според меѓународните правила за безбедност во воздухопловството и дека сите 150 патници биле безбедно евакуирани.

