Хакерите ги продаваат државните тајни на Албанија кои ги украдоа во нападот во јули

Хакерите кои во средината на јули ги нападнаа албанските институции, а во петокот вечерта и системот ТИМС на граничните премини, се идентификувани со веб-страницата „Татковинска правда”, (Homeland Justice) и утврдено е дека ги ставиле на продажба украдените податоци, јави ABCnews.al.

Според истиот извор, преку објава на социјалните мрежи тие нудат 800 GB податоци за 900 долари.

Во сајбер-нападот во јули, за кој албанските власти го обвинија Иран и ги прекинаа дипломатските односи со Техеран, цел беа администрацијата и министерствата, а беа објавени илјадници имејл-пораки од серверите.

Во меѓувреме, пред неколку дена премиерот на Албанија, Еди Рама, ги прекина дипломатските односи со Иран и го протера целиот персонал од амбасадата. Рама рече дека по истрагите на албанските и партнерските агенции, се докажало дека хакерите биле директно поддржани од Иран. Техеран го нарече „непромислен“ овој потег на властите во Тирана.

Од 23:15 часот во петокот навечер и во текот на целиот ден во сабота, ТИМС системот на сите гранични премини на Албанија беше парализиран, откако беше хакиран во нов напад, за кој Рама повторно го обвини Иран.

Иако албанската влада соопшти дека се останува под контрола и дека секој напад е одбиен, хакерите, додава телевизијата, веќе ги пуштиле на продажба податоците добиени од системот ТИМС во Албанија, но и електронските адреси на албанските функционери.

-Тоа значи дека „тајните” на Албанија сега можат да се купат на пазарот. Друг факт е дека хакерите бараат плаќањето за купување на податоци да се врши преку Биткоин електронски пари, така што е невозможно да се разбере каде одат овие пари, заклучува ABCnews.al.

 

12.09.2022 - 23:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега