Вкупно 27 летови денеска беа погодени од густата магла која ја окупираше Скопската котлина. Билансот на Меѓународниот Аеродром Скопје до 18 часот изнесува 16 откажани и 11 пренасочени летови поради намалената видливост.
Краткотрајно подобрување на временските услови имаше дури во попладневните часови. Тоа овозможи слетување на авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, како и полетување на летовите кон Истанбул, Осло и Баден-Баден.
Сепак, прогнозите не се оптимистички. Од ТАВ Македонија предупредуваат дека според најавите од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на претстојната ноќ.
Од компанијата потенцираат дека аеродромот технички не е затворен, но временските неприлики го диктираат сообраќајот.
„Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците“, се вели во соопштението.

