Груевски: Заев пушти скратена снимка за да изгледа како да сме прикривале убиство

Екс-премиерот Никола Груевски кој избега во Будимпешта, се огласи повторно на Фејсбук и распали по Заев, откако периодов беше актуелен кога се појави на бизнис забава и се фотографираше до згодна бринета.

- Половина снимки ги крател, а Судот доби само третина. Заев вчера јавно во изјава потврди дека не само снимката поврзана со Мартин Нешковски, туку повеќето снимки кои и ги пушташе на јавноста во 2015 - ги крател.

При тоа одбегна да одговори зошто кога ја крател, ја скратил и монтирал на таков начин да создаде перцепција дека навистина јас и Јанкуловска сме сакале да прикриеме убиство.

Одговорот е јасен: за да дојде на власт. Ама ќе беше многу ако и тоа го признаеше. Ако еден ден има судење за оваа измама како резултат на која во болница завршија 40 повредени полицајци, признанието и каењето ќе му биде земено како олеснителна околност.

Ако во јавноста деновиве не се појавеше долгата верзија на снимката од која се слуша дека воопшто не сме сакале да прикриваме убиство или сторител, ќе останеше впечатокот од скратената снимка, но и од контекстот кој на снимката и го даде Заев пред да ја пушти во 2015 година , дека сме договарале како да го прикриеме убиството и сторителот.

Како и да е, Заев на јавноста и на судиите и обвинителите денес јасно им даде до знаење дека сечел, лепел, крател и со такви работи се занимавал. 
Додатно кажа и дека тој поседувал и доставил до судот само една третина од снимките поврзани со случаите. Со тоа кажа дека има уште две третини од разговорите за сите случаи за кои се суди, кои ниту ги пуштил на јавноста ниту судот ги има на располагање па треба да носи пресуди на база на само една третина од разговорите.

Кратко кажано, Заев на јавноста и призна дека крател и манипулирал со повеќето снимки, дека помал дел од снимките за одделните случаи се во судот, поголем дел не, ама судот треба да му верува дека тоа што ним им го дал не е ниту кратено ниту монтирано, ниту пак во тие две третини други снимки има нешто кое како во овој случај создава комплетно различна слика. Судот треба да му верува “со врзани очи” без да провери преку вештачење на целовитоста и автентичноста на аудио матерјалните, кое се бараше но судот не го прифати, го одби.

За најмала сообраќајна несреќа со скршен жмигавец и фар, судот нарачува вештачења за судијата да е сигурен дека носи исправна одлука. Ама за тоа дали се кратени и монтирани снимките од Заев со кои е планирано да осудат стотици луѓе главно негови политички противници, судиите одлучија да нема вештачење.

Зошто?

Па затоа што веројатно знаат и тие дека ако ангажираат надворешни експерти-вештаци за аудио матерјалите ќе се констатира нешто со кое потоа нема да можат да ги донесат планираните и нарачани пресуди.

Така што, доколку судот и понатаму и после оваа снимка и јавното признание на Заев опстои на ставот дека аудио матерјалите ќе ги користат како доказ, без разлика на се, тогаш навистина тие ќе го заслужат епитетот од насловот на овој текст чии линк е закачен подолу.

Заев си призна и јавно си кажа. Ги остави судиите сами да мислат како да постапат. Неофицијалната нарачка од него до нив за осудителни пресуди врз основа на снимките не е повлечена, а јавно тој “се тргна настрана” признавајќи дека сечел, лепел и монтирал, а им доставил на судиите само по нешто од снимките.

Инаку, има уште најмалку три тешки законски прекршувања околу снимките заради кои судиите мораат да се ослободат од снимките како доказ за да не го кршат Законот. 
Прво, овие снимки- т.н. докази, им се само копии, кое не е споредено со оргиналот. 
Второ, нелегално се прибавени. 
Трето, СДСМ ги има доставено до СЈО надвор од рокот предвиден во Законот за приватност.

Сега судиите се исправени пред дилемата: личниот кредибилитет и законско работење или нарачките на Заев спакувани со ред понуди за унапредување, вработувања на луѓе од семејството и слично и ред закани, напиша Груевски.

 

 

За потсетување, неделава Заев изјави дека објавил се што знаел за Мартин Нешковски.

Секогаш кога има пакет на разговори или „бомби“, подвлече, кажуваме само дел од разговорот, а постојат уште разговори поврзани околу одреден момент.

– Ние поседуваме само една третина од тие разговори. Имајќи ја предвид динамиката по датумите кога тие се одвивале од целиот овој период 2008 до 2014 година верувам дека многу разговори постојат кои опозицијата некојпат ги поседувала, така да автентичноста се знае кој може да ја покрие, да ја потврди и треба да се каже дали е тоа тоа, одговори премиерот Зоран Заев.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.07.2019 - 10:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега