Грлиќ Радман: Хрватска сака стaрт на преговорите со Скопје и Тирана во март

Главни цели на Хрватска се обезбедување поддршка за донесување одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март и одржување успешен Самит во Загреб, изјави хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, по завршувањето на денешната конференција во Солун насловена „Од Солун до Загреб“.

На заедничката прес-конференција со домаќинот на собирот, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, Грлиќ Радман истакна дека Хрватска, како прва од земјите опфатени со договорите за стабилизација и асоцијација која стана членка на ЕУ, е посветена на интегрирањето на сите држави од Западен Балкан во Унијата.

– ЕУ останува посветена на своето најблиско соседство, додаде Грлиќ Радман, потенцирајќи дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан им беше ветена пред 17 години во Солун и дека сега е време ЕУ да го исполни тоа ветување, доколку државите кандидати ги исполнат поставените критериуми.   

Грчкиот министер Дендиас, од своја страна, истакна дека на денешната конференција имало плодна дебата за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан, при што од сите учесници е изразена поддршка за европската перспектива на балканските држави.

Верувам дека целосната политичка, економска и географска интеграција на Западниот Балкан во Европа е во интерес на ЕУ, истакна Дендиас, додавајќи дека од членството во Унијата полза ќе имаат и балканските народи и со тоа ќе се придонесе за стабилноста на Југоисточна Европа.

Дендиас нагласи дека Грција традиционално е предводник на процесите на интеграција на регионот во ЕУ, за што доказ е самитот во Солун во 2003 година, кој ги постави основите на зачленување на западнобалканските земји во Унијата, процес кој, според него, би требало да се заокружи на средбата во Загреб во мај.

– Иднината на Западен Балкан е во ЕУ, изјави Дендиас, потенцирајќи дека зачленувањето на земјите од регионот во Унијате е стратешка инвестиција во обединета, силна и стабилна Европа.

Тој нагласи дека на конференцијата претставниците на земјите членки на ЕУ имале можност да го слушнат гласот на државите кандидати за членство од регионот за нивната посветеноста на интегратиовниот процес и на спроведувањето на реформите.

– ЕУ е посветена на европската перспектива на Балканот, додаде Дендиас.

На новинарско прашање дали на следниот Самит на ЕУ би можело да дојде до раздвојување на пристапните процеси за Северна Македонија и Албанија, имајќи предвид дека земјава е понапред од Тирана во исполнувањето на критериумите, двајцата министри нагласија дека остануваат посветени на заложбата двете држави да добијат датум за старт на преговорите за членство.

Грлиќ Радман истакна дека Хрватска нема дилеми дека двете земји треба да добијат зелено светло за отпочнување на преговорите пред Самитот во Загреб во мај, нагласувајќи дека тој би сакал тоа да се случи уште во март.

Тој потенцира дека двате земји направиле напредок и дека очекува позитивна препорака од Европската комисија за страт на преговорите со нив кон крајот на месецот.

Запрашан дали балканските земји членки на ЕУ планираат некоја нова иницијатива, доколу Европскиот совет одново не донесе позитивна одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Грлиќ Радман истакна дека очекува позитивен заклучок за ова прашање од лидерите на Унијата, бидејќи тоа е во интерес на само на овие две земји и на регионот, тука и на цела ЕУ.

Тој нагласи дека ЕУ се соочува со многу предизвици и оточнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија би бил добар чекор во правец на справувањето со овие предизвици.

Запрашан како ќе реагира Грција доколку по изборите на 12 април во земјава дојде до промена на власта и доколку новата влада изврши промени на Преспанскиот договор, грчкиот министер Дендидас само кусо изјави дека „не може да дава одговори за хипотетички сценарија“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2020 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега