Грковска за корупцијата: Одговорноста е кај сите

Тоа што го кажа американската амбасадорка, тоа сме го изјавувале сите ние во сите изминати месеци кои сме сериозно загрижени за случувањата во нашата држава на тема борба против корупција и организиран криминал, изјави Славица Грковска, вицепремиерка во владата задолжена за спроведување политики за добро владеење, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ.

„Јас на тоа би гледала повеќе двонасочно. Од една страна како поддршка и помош за разрешување на крупни коруптивни случаи што е една од забелешките, а од друга страна и како критика и за моменталната состојба за степенот на корупција во нашата држава“, изјави Грковска.

Таа нагласи дека целокупната борба во државата, во делот на корупцијата, е обврска на сите. Тоа го истакна и на денешната конференција на која присуствуваа и вицепремиерот Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир, а го повтори и вечерва во студиото на Телма.

„Јас не нè изземам нас како Влада од оваа ситуација, ниту пак изземам од одговорност некоја од институциите. Затоа што секоја од институциите има своја улога во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Меѓутоа, важно е да се разгледуваат поединечните капацитети, поединечните успеси и да се види која е најслабата алка и од која причина добиваме се поотворени оценки и дојдовме до степен да добиваме вакви отворени и без ракавици пораки од нашите меѓународни пријатели“, додаде Грковска.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер деновиве упати остри и јавни критики за корупцијата во Македонија. Кон неа се надоврза и германската амбасадорка, Анке Холштајн, а денеска пораки со слична содржина и од британскиот амбасадор во земјава., Метју Лосон.

За понеделеник во Македонија е најавена посета на заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој, неодамна, на настан посветен на евро-атлантската иднина на регионот, кој се одржа во атлантскиот совет во Вашингтон, потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните офијални лица на Балканот, со цел тие да се тргнат од одговорните функции.

Дали со себе ќе ја донесе и листата на санкции за сегашните и поранешни корумпирани функционери и членови на правосудството.

09.12.2022 - 21:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа