Грковска: Парите што државата ги инвестира во спортот се јавни пари и за нив мора да има отчет

„Креирање на антикорупциски политики, транспарентни и ефикасни институции и дигитална трансформација на општеството се три столба на кои се темели работата на мојот Кабинет задолжен за политики за добро владеење. Навидум овие области делуваат како посебни, но тие се испреплетени и подеднакво важни за добро функционирање на системот“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ „Сител“.
 
Таа истакна дека креирањето на квалитетни антикорупциски политики во областа на спортот  е една од областите на кои посветува особено внимание и во тој контекст беше и денешната Конференција на која се разговараше за корупцијата и непотизмот во спортот и штетата што овие појави ја прават на развојот на младите.
 
„Ваучерите беа детектирани како еден од начините за злоупотреба на јавните средства. Парите што државата ги инвестира во спортот за да го помогне неговиот развој, заради значењето што спортот го има во градењето и на карактерот на младите, се исто така јавни пари. И спортските федерации исто така имаат обврска да даваат извештај како ги трошат јавните пари“, оцени Грковска.
 
Таа додаде дека оваа Конференција е дел од низата настани коишто ќе следуваат, а на кои ќе учествуваат сите чинители во спортската област, со цел да дадат придонес во процесот на промена на состојбите во спортот. 
20.05.2022 - 19:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа