Грчкиот суд во Солун го одби барањето за екстрадиција на македонскиот државјанин кој беше уапсен во мај годинава во Катерини по европска потерница за убиство извршено пред 28 години. Како што пренесе грчката агенција АНА-МПА, судиите оцениле дека случајот е застарен според грчкото кривично право и наложиле укинување на мерката притвор.
Аце Боцевски – Циганот беше баран за убиство извршено во ноември 1997 година врз 37-годишен македонски државјанин. Според македонските обвинителски документи, тој намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а потоа, откако жртвата излегла од автомобилот, пукал кон него и го усмртил. Една година подоцна бил осуден на 15 години затвор, но по неговото пуштање од притвор избегал во Грција.
Пред солунскиот суд, осомничениот изјавил дека во периодот пред бегството работел во личното обезбедување на тогашниот претседател Киро Глигоров и тврдел дека бил таргетиран од политички причини. Навел дека бил задржан во притвор 90 дена, по што бил ослободен и успеал да премине во Грција со пасош издаден од македонските власти. Во изминатите години, како што тврди, развил бизнис со издавање соби во областа Пиерија.
Судот во Солун констатирал дека изречената казна е постара од две децении и, согласно грчкото законодавство, се смета за застарена, поради што екстрадицијата во Македонија е правно невозможна.

