Сите македонски граѓани кои планираат да ја дочекаат Новата година во Грција можат да здивнат – патиштата и граничните премини ќе бидат слободни. Од денеска па сè до петок, грчките земјоделци нема да го блокираат сообраќајот, со цел да им го олеснат патувањето на граѓаните за празниците.
Ова значи дека и граничниот премин Евзони, кој изминатите денови беше блокиран во периоди од 12 до 16 и од 18 до 22 часот, сега ќе функционира непречено.
Иако тракторите остануваат паркирани покрај патот и на самата граница, тие нема да го попречуваат движењето на возилата. Ова „празнично примирје“ ќе трае три дена, а земјоделците остануваат доследни на најавата дека празниците ќе ги поминат на блокадите, но без да предизвикуваат хаос во сообраќајот.

