Грчкиот Парламент пред гласање за „Договорот од Преспа" - закажани масовни протести

По 16 часа континуирана расправа, во 02.30 часот по полноќ заврши првиот ден од расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а продолжува денеска во 9.30 часот по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку не се случи нешто непредвидено, вечер или во текот на ноќта планирано е да се одржи гласањето.

Иако беше најавувано како веројатно, сценариото Нова демократија да достави иницијатива за гласање недоверба на владата, сепак доцна синоќа грчките медиуми повикувајќи се на извори од партијата објавија дека такво нешто нема да се случи, а процесот во Парламентот ќе тече според предвиденото.

Во исто време, во попладневните часови закажани се и протести во центарот на Атина. Еден од т.н. „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата што стои зад протестите против Договорот од Преспа, друг од Комунистичката партија на Грција.

На расправата за ратификација на Договорот од Преспа, пријавени за збор се 205 од 300 пратеници колку што брои грчкиот Парламент, како и координаторите на партиите, министрите во владата и лидерите на политичките партии, а претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, вчера рече дека дискусијата наместо предвидените 28, може да трае и над 32 часа, доколку не се случи нешто непредвидено, но дека нема промена на одлуката гласањето да биде вечер.

Првиот ден од пленарната седница во грчкиот Парламентот започна со високи тонови. Од Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Независни Грци излегоа со барања и обвинувања до грчката влада, а жестоката дискусија околу процедурални прашања, заврши со отфрлање на приговорите од Нова демократија, Златна зора и Независни Грци, по што започна суштинскиот дел од расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во неговото обраќање рече дека „договорот беше постигнат благодарение на политичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев, но и на преговарачката способност на Никос Коѕијас кој го постигна она што премиерот Самарас го сметаше за несфатливо“.

Катругалос истакна дека со Договорот од Преспа, за 110% ги задоволува грчките национални цели од 2007.

-Договорот покрива 110% од националните позиции, национално е корисен, го зајакнува меѓународниот авторитет на нашата земја и носи мир и стабилност во регионот, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Грчките пратеници кои што вчера се обратија во Парламентот не отстапија од партиските линии. Опозиционерите тврдеа дека договорот е штетен, оние од владејачката СИРИЗА дека решението на меѓу двете земји е историски и национално корисен договор.

Пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос кој е со непроменет став во однос на Договорот од Преспа и индиректно, во неговиот говор во грчкиот Парламент, потврди дека ќе гласа за ратификацијата рече дека само добро може да и понуди на Грција соседната земја, а „доколку не постоеше, ќе требаше да ја измислиме“.

-Се смеат во Европа. Ви го кажувам тоа директно. Дали ПЈРМ е закана за Грција? Се смеат тие што го слушаат. Земја која, речиси нема војска и има 7% од грчкиот БДП. Нејзината поделба ја сакаат за Голема Албанија и Голема Турција. Моето мислење е и да не постоеше ПЈРМ ќе требаше да ја измислиме. Само добро има да и понуди на земјата. А оваа влада, која ја отфрли можноста за неактивност, има храброст, рече Папахристопулос.

Тој, во обраќањето порача дека не треба да се заборави дека „буквата „М“ во ПЈРМ значи Македонија, бидејќи некои се преправаат дека не го знаат или не го слушаат тоа“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.01.2019 - 08:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега