Градот Скопје во 3 часот во ноќта го отстрани споменикот на Ќосето - Тодор Петров утрво запали свеќа (видео)

 

Рано утрово, без никаква најава и под засилено полициско обезбедување Град Скопје го отстрани споменикот на Андон Јанев – Ќосето, кој беше поставен пред Врховниот суд во Скопје. Решението за отстранување на споменикот било издадено од надлежен инспектор од Општина Центар, а рокот за спроведување на истото бил три дена - објави Сител.

Целата операција се одвивала во ноќните часови поради малата фреквенција на воизла, но и да не се вознемируваат вработените во судот, велат од Град Скопје.

Споменикот е однесен во просториите на Металски Завод Тито, а градоначалникот Шилегов најави дека на донаторите ќе им биде даден рок од 15 до 30 дена, да дојдат и да си го земат.

На ваквиот потег на градските власти прв реагираше претседателот на СМК Тодор Петров, кој се поклони пред постаментот на кој што беше поставен споменикот и запали свеќи.

Со рушењето на споменикот на Ќосето, власта денеска манифестираше длабока фрустрација и гнев кон Македонија, и кон македонскиот народ и култура, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ пак поздравувајќи ја ваквата одлука на Град Скопје велат дека отстратнувањето на т.н. споменик на Ќосето, дивоградба бесправно поставена од страна на претходната градска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, става крај на самоволието и незаконитоста во поставувањето објекти и споменици во Скопје.

На местото каде што досега се наоѓаше споменикот на ќосето, градските власти ќе насадат дрво од видот гинко, наречено дрво на човекови права. На дрвото ќе биде поставена плочка на која ќе биде изгравиран членот 10 од повелбата на ОН.

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето беше поставен пред Врховниот суд во 2014 година како донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин за град Скопје.

 

 

 

22.02.2018 - 19:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа