Град Скопје: Универзална сала работи со настани и без објект во употреба

Град Скопје реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со Универзалната сала. Оттаму велат дека тоа се лаги и манипулации.

„ Сакаме да нагласиме дека Универзална сала е запуштена и затворена во времето на претходно градско раководство и со тоа голем број значајни културни настани останаа без дом. Иако нова Универзална сала беше дел од програмата на претходното градско раководство, тоа не се случи, и за жал овој култен објект остана нефункционален и во распаѓање.

Градоначалникот Шилегов и во услови на пандемија со поддршка од Владата успеа да обезбеди финансиски средства за целосна реконструкција на Универзална сала и во тек е обнова на овој симбол на Скопје.

Наместо да се стави клуч поради затворениот објект, Универзална сала денеска функционира во полн капацитет како никогаш досега, вработените се задржани и оваа институција активно учествува во унапредување и збогатување на културниот живот во Скопје, како и во организација на голем број културни настани, а некој од нив како „Фестивалот на светлината“ е единтвен во регионот.

Покрај омилениот на скопјани „Фестивал на светлината“, Универзална сала континуирано е организатор на манифестацијата „Бела ноќ“ и „Фестивалот на акустична музика“, кои изминативе години станаа регионални културни атракции, а беше и дел од организацијата на проектот „Култура во време на корона“.

Споменатата опрема во услови на затворен објект, е неопходен дел во тековното функционирање на „Универзална сала“ во услови кога голем дел од културните настани треба да се организираат надвор од објектот, а истата и се изнајмува за други настани на отворено“ се наведува во реакцијата на градот.

Исто така се додава дека е лицемерно да се говори за Универзална сала со оглед на нејзиното преименување од претходното градско раководство во Конгресен центар Александар Македонски и обидот да се избрише од колективната меморија на скопјани оставајќи во распад.

 

23.10.2021 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа