Град Скопје се вклучува во кампањата „Лето без пожари“

Град Скопје активно се вклучува во кампањата „Лето без пожари“ што ја почна денеска Одделението за превенција при СВР Скопје со активности на паркингот на Средно Водно.

Апелираме за внимателност при движење во шумите, како и при движење на отворени простори заради превенција од пожари, предизвикување општа опасност и загрозување на животот, здравјето и имотот на граѓаните, да не се фрлаат догорчиња на отворен простор, да не се пали оган на отворено, со што заедно ќе придонесеме за зачувување на шумите и нив да ги оставиме во наследство на идните генерации, изјави Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Противпожарната бригада на Град Скопје ќе направи обука и симулација на гасење шумски пожар на вработените од „Паркови и зеленило“ на Град Скопје и заинтересираните граѓани и рекреативци.

Полициски службеници ќе остваруваат средби со рекреативците посетители на парк-шумата Водно. По случаен избор ќе запираат патнички моторни возила и на возачите ќе им се укажува за можните ризици од појавата на пожар, штетите од евентуалната појава на пожари на отворено и укажување од можните последици од палењето оган на отворено.

Активностите, како што информираат од Град Скопје, ќе продолжат во летниот период преку остварување средби со граѓани и следење на состојбата на терен, превентивно делување со цел намалување на предизвикани пожари од невнимание.

Кампањата се одвива во соработка со Град Скопје, Противпожарната бригада на Град Скопје и Црвениот крст на Град Скопје, Општина Карпош и ЈП „Паркови и зеленило“

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.07.2019 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега