Град Скопје: Дезинфекција на автобусите и такси возилата

Град Скопје испрати препорака до сите такси превозници на подрачјето на градот Скопје да ги дезинфицираат такси возилата на дневна основа пред да се вклучат во сообраќај, а такси возачите да користат лична зашитита (маска и гумени ракавици), соопштуваат од Град Скопје.

Дополнително, пратен е и допис до сите претставници на приватните превозници кои се вклучени во јавниот сообраќај во Скопје за интензивирање на активностите за чистење и дезинфикација на нивните возила, како и за потребата за редуцирање на возниот ред кај приватните превозници.

„Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека сите возила на ЈСП се подложуваат на дополнителен третман за дезинфекција, уште од пред десетина дена. Имено, секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10%, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се ракодржачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

Инаку, редовна внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега.

Согласно препораките на Владата, Ве потсетуваме дека од денеска (12.03.2020 година, четврток) автобусите на јавниот превоз сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училишен распуст. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции. 

Согласно со актуелната состојба со корона вирусот, како една од мерките и препораките на Владата за намалено користење на јавниот превоз со цел превенција од ширење на вирусот, Ве потсетуваме дека од денеска (12.03.2020 година) нема да важи и одлуката за бесплатен превоз за возрасни лица (жени со 62 години, мажи со 64 години) во вторник, петок, сабота и недела во јавниот превоз и на  Жичницата на Водно. Според препораките и поради тоа што наставниот процес е прекинат од денеска нема да важат ниту бесплатните годишни средношколски и студентски билети за користење на јавниот превоз“ стои во соопштението.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.03.2020 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега