По речиси седум дена остри ограничувања и деноноќни инженерски зафати за санација на загрозената водоводна мрежа, жителите на Гостивар денеска се очекува повторно да добијат вода соодветна за техничка употреба. Како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, лабораториските испитувања по спроведениот процес на хиперхлорирање даваат позитивни резултати, со што се создадени услови надлежните институции денеска и официјално да ја потврдат нејзината безбедност за технички потреби.
Премиерот во својата последна изјава за медиумите посочи дека интервенцијата на терен напредува со брзо темпо и оти состојбата наскоро целосно ќе се стабилизира.
Екипите од Скопје беа директно ангажирани на терен, а според најавите на шефот на Владата, гостиварци би требало да добијат и целосно безбедна вода за пиење при крајот на оваа недела.
За време на увидот на градежните работи на клучката Момин Поток, премиерот Мицкоски ја даде следнава изјава во врска со сработеното во Гостивар:
„Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите, резултатите се веќе добри и очекувам да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше“ – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните активности на клучката Момин Поток.


